Скопското астрономско друштво вечерва ќе организира јавно астрономско набљудување во центарот на главниот град, овозможувајќи им на граѓаните одблизу да ја разгледаат Месечината преку професионални телескопи.
Настанот ќе се одржи на плоштадот „Македонија“, во близина на фонтаната, во периодот од 19:30 до 22:00 часот. Посетителите ќе имаат можност да ги набљудуваат кратерите на Месечината и да дознаат повеќе за нејзините карактеристики.
Од Скопското астрономско друштво ги повикуваат сите заинтересирани, без разлика на возраста, да дојдат со семејството или пријателите и да уживаат во ова необично астрономско искуство.
За време на настанот, членовите на друштвото ќе бидат достапни за разговор со посетителите, ќе одговараат на прашања и ќе споделуваат интересни информации за Месечината, ѕвездите и останатите небесни тела.









