Утрово возачите треба да бидат особено внимателни на повеќе патни правци низ Македонија, каде сообраќајот се одвива во отежнати услови поради намалена видливост, градежни активности и изменет режим на движење.
Намалена видливост поради магла е регистрирана на планинскиот превој Стража, каде видливоста е ограничена на околу 100 метри. Од „Македонијапат“ предупредуваат дека е потребно возачите да ја приспособат брзината на условите на патот и да возат со зголемено внимание, особено на делниците што минуваат низ клисури и усеци, каде има можност за појава на ситни одрони.
Изменет режим на сообраќај има и на експресниот пат Штип–Радовиш, кај клучката Бучим, каде од денес започнува санација на оштетена дилатација на мост. Во текот на работите, сообраќајот ќе се регулира наизменично, со помош на поставена семафорска сигнализација.
Градежните активности влијаат и на движењето на патниот правец Кичево–Охрид, каде на повеќе делници сообраќајот се пренасочува преку девијации. Со изменет режим се соочуваат и возачите на делницата Калишта–Радожда, кај локалитетот Елен Камен.
Од АМСМ повторно потсетуваат дека задолжителното поседување зимска опрема важи во периодот од 15 ноември до 15 март, независно од моменталните временски услови. Воедно, се апелира до сите учесници во сообраќајот да ја почитуваат поставената сигнализација и да бидат внимателни при возењето.









