ПРВ.мк
Македонија

Недостигот на работна сила го отвора пазарот: Македонија дозволува уште 3.000 странски работници

Недостигот на работна сила го отвора пазарот: Македонија дозволува уште 3.000 странски работници

Владата ја зголеми квотата за работни дозволи за странски државјани за дополнителни 3.000, со што максималниот број за 2026 година се зголемува од 10.000 на 13.000, објави „Фактор“.

Промената е направена во Одлуката за определување квота за дозволи за странци кои можат работно да бидат ангажирани во Македонија.

Иако ваквите квоти најчесто се утврдуваат на почетокот на годината, тие можат дополнително да се менуваат доколку стопанството покаже поголема потреба од работници.

Според објавените податоци, интересот за ангажирање странска работна сила е најголем во градежништвото, индустријата, угостителството, туризмот и трговијата.

Меѓу земјите од кои доаѓаат најголем број работници се Бангладеш, Непал, Индија, Турција, Кина и Филипините.

Бројот на странски работници со дозволи за престој и работа бележи значителен раст во последните неколку години. За споредба, пред пет години дозволи добиле 1.704 странски работници.

Во 2024 година, тогашната власт утврди квота од 20.000 странски работници, во период кога се очекуваше поголем ангажман на работна сила за инфраструктурните проекти, вклучително и Коридорите 8 и 10Д.

Со новата одлука, до крајот на 2026 година просторот за легално ангажирање странски работници во Македонија се зголемува на вкупно 13.000 лица.