ПРВ.мк
Црна Хроника

Шокантен случај: Шефот ја натерал да направи 200 чучњеви – завршила во болница

Шокантен случај: Шефот ја натерал да направи 200 чучњеви – завршила во болница

Млада жена од Кина завршила во болница со сериозно оштетување на мускулите откако нејзиниот претпоставен ја принудил да направи 200 чучњеви како казна бидејќи не ги исполнила дневните работни цели.

Случајот предизвикал силни реакции на кинеските социјални мрежи.

Жената, идентификувана само по презимето Јанг, работела како финансиски советник во компанија за кредитно посредување во Хангжу.

Според објавените информации, нејзиниот шеф Жанг ѝ поставувал дневна цел од 200 телефонски повици и пронаоѓање нови клиенти.

На 28 јули таа не успеала да ја исполни зададената норма. Бидејќи немала пари да плати парична казна од 50 јуани, што е околу 6,50 евра, била принудена наместо тоа да направи 200 чучњеви.

Таа дури морала и да се снима додека ја извршува казната, како доказ дека ја исполнила.

Набрзо потоа почувствувала силни болки во нозете, а пет дена подоцна побарала медицинска помош откако забележала дека урината ѝ станала потемна.

Лекарите ѝ дијагностицирале рабдомиолиза – состојба при која доаѓа до распаѓање на оштетеното мускулно ткиво, што во потешки случаи може да доведе и до оштетување на бубрезите.

Кај Јанг било измерено ниво на креатин киназа поголемо од 16.000 U/L, што укажувало на сериозно мускулно оштетување.

Третманот ја чинел околу 180 евра, а таа на 30 јули дала отказ.

Подоцна побарала поранешниот работодавач да ѝ ги покрие медицинските трошоци и да ѝ исплати отштета од околу 1.900 евра.

Нејзиниот поранешен шеф го одбил барањето и ја упатил спорот да го решава по судски пат.

Трудовиот инспекторат потврдил дека случајот ќе биде предмет на истрага.