Кубански државјанин е уапсен на меѓународниот аеродром во Мајами откако царинските и граничните службеници откриле дека под облеката криел десет живи птици.
Инцидентот се случил на 4 октомври, кога Алберто Хернандез Кастиљо пристигнал со авионски лет од Хавана.
При царинската контрола тој навел дека не внесува животни во Соединетите Држави. Сепак, службениците забележале дека е нервозен, како и необична испакнатина во пределот на панталоните, по што бил испратен на дополнителен преглед.
При деталниот претрес биле откриени шест пластични цевки завиткани со селотејп и со црни мрежи на отворите. Цевките биле прицврстени и зашиени во неговата долна облека.
Во нив се наоѓале вкупно десет живи птици – осум од видот Tiaris olivaceus и две од видот Passerina caerulea, кој е заштитен во Северна Америка.
Според американските медиуми, ваквите птици понекогаш нелегално се внесуваат во САД за продажба како домашни миленици или за натпревари во пеење.
При сослушувањето, Кастиљо наводно изјавил дека птиците биле наменети за „лична употреба“, по што се повикал на правото да молчи.
Истражителите утврдиле дека тој немал потребни дозволи од американската Служба за риби и диви животни за внесување на птиците.
Федералните обвинители предложиле кауција во висина од 25.000 долари до продолжувањето на судската постапка.








