Француските и американските власти спровеле заедничка операција против мрежа на веб-страници преку кои, според обвинителството, биле продавани украдени интимни фотографии и видеа од повеќе од 17.000 жени и девојчиња од различни земји.
Во северна Франција биле уапсени двајца браќа на возраст од 21 и 25 години, за кои се сомнева дека биле главни администратори на платформата „NudeLeaksTeens“.
Според истрагата, содржините биле прибавувани преку хакирани профили на социјални мрежи, меѓу кои Фејсбук, Инстаграм, ТикТок и Снепчет, а потоа биле групирани во пакети и продавани преку интернет.
Меѓу жртвите имало и малолетници.
Американското обвинителство соопштило дека на платформата биле достапни и материјали поврзани со сексуална злоупотреба на деца.
Содржините биле организирани во посебни албуми, а еден од нив бил рекламиран како колекција со илјадници приватни фотографии и видеа украдени од жртвите.
Според истрагата, корисниците можеле со виртуелна валута да купуваат и дополнителни лични податоци за жртвите.
Тие биле наведувани под нивните вистински имиња, а информациите биле категоризирани според возраста, местото на живеење и професијата.
При акцијата француските истражители заплениле и дигитален имот, меѓу кој биткоини со вредност поголема од 700.000 евра.
Француските обвинители наведуваат дека операцијата била спроведена во тесна соработка со американските власти со цел сузбивање на материјали со сексуална злоупотреба на деца, како и нелегалната дистрибуција и продажба на украдени приватни интимни содржини.
Истрагата за целата мрежа продолжува.






