Основното јавно обвинителство Скопје отвори истражна постапка против две вработени во Државна лотарија поради сомнение за кривично дело „Проневера во службата“.
Според Обвинителството, првоосомничената во текот на 2024 година била директор на Секторот за финансии и сметководство, додека второосомничената работела како шеф на финансиски работи во АД за приредување игри на среќа Државна лотарија.
Тие се сомничат дека со повеќе дејствија присвоиле вкупно 79.989.444 денари кои им биле доверени во рамки на службените овластувања.
Како овластени лица за подигнување готовина за исплата на мали добивки и за уплата на дневниот промет од сопствените продажни места, според истрагата, тие не го депонирале целиот дневен промет на трансакциските сметки на друштвото.
Обвинителството се сомнева дека дел од овие средства биле присвоени, а дополнително биле подигнувани пари и директно од банкарските сметки на Државна лотарија.
При претресите спроведени од Финансиската полиција била одземена оригинална документација поврзана со работењето на компанијата.
Одземени биле и мобилни телефони, лаптоп-компјутери, УСБ-уреди, надворешни хард-дискови и друга електронска опрема.
Но, особено внимание привлекуваат и предметите пронајдени при претресите – парични средства, злато и златен накит, накит од брендот „Сваровски“, часовници со поголема вредност, како и брендирани чанти.
Меѓу пронајдените чанти, според Финансиската полиција, имало производи од познати светски брендови како „Хермес“, „Луј Витон“ и „Диор“, како и други луксузни производители.
Обвинителството побарало на двете осомничени да им биде определена мерка притвор.
Истрагата продолжува, а во понатамошната постапка треба да се утврди потеклото на одземените средства и предмети, како и сите околности поврзани со сомнението за проневера на речиси 80 милиони денари.










