ПРВ.мк
Македонија

Кривична пријава против директор и вработени во Јавно претпријатие – МВР со детали за нивните злоупотреби

Кривична пријава против директор и вработени во Јавно претпријатие – МВР со детали за нивните злоупотреби

Полицијата поднесе кривични пријави против шест лица, меѓу кои и директор и тројца вработени во ЈП „Национални шуми“ – Шумско стопанство „Стогово“ во Дебар, поради сомневања за злоупотреби поврзани со издавање дозволи за сеча и транспорт на дрвна маса.

Како што информира Министерството за внатрешни работи, ОВР Дебар поднело пријава против М.П. (57) од Вевчани, кој раководел со претпријатието, О.Ј. (64) и М.Л. (59) од дебарското село Џепиште, вработени како референти за испорака, како и против В.И. (47) од Дебар, која работела како архивар.

Тие се осомничени за кривичните дела „злоупотреба на лични податоци“, „фалсификување службена исправа“ и „несовесно работење во службата“.

Според полицијата, архиварката внесувала невистинити податоци во службената евиденција, прикажувајќи дека одредени граѓани поднеле барања за дозволи за сеча на дрва.

Директорот, како што се наведува во пријавата, не извршил соодветен надзор врз фиктивните барања, по што издал дозвола за сеча без да ги провери испратниците за транспорт.

Двајцата референти, пак, се сомничат дека свесно издавале испратници со неточни податоци, кои потоа ги заверувале со сопствени потписи.

Кривични пријави се поднесени и против Б.Л. (35) и А.Л. (26), двајцата од Џепиште, осомничени за помагање. Според МВР, тие со сопствени товарни возила ја превезувале дрвната маса и помагале во прикривањето на незаконските активности.

Надлежните институции ќе постапуваат по поднесените кривични пријави.

Најнови вести