Конституиран е Националниот комитет за заштита и безбедност на новинарите, соопшти министерот во објава на Фејсбук. Преку Комитетот, надлежните институции и новинарските организации ќе работат заедно на спречување на заканите и на побрзо постапување кога новинар ќе пријави притисок или напад.
Министерот нагласи дека заштитата на новинарите е важна за секој граѓанин кој има право да биде информиран. Тој го истакна правото на новинарите да истражуваат, да поставуваат непријатни прашања и да ја критикуваат власта, како и обврската на институциите да им овозможат слободно да ја вршат својата работа.
„Во демократско општество новинарот не треба да биде храбар за да постави прашање. Тој треба да биде слободен и безбеден да го направи тоа“, порача министерот.
Меѓу следните приоритети е подготовката на Националниот акциски план за заштита и безбедност на новинарите, во кој ќе бидат утврдени конкретни мерки, одговорности и рокови. Министерот посочи дека институциите ќе работат и на поефикасно гонење на сторителите и на справување со сè почестите закани во дигиталниот простор.








