ПРВ.мк
Македонија

По барањето за помалку неработни денови, Левица возвраќа: Шест часа работа наместо осум

По барањето за помалку неработни денови, Левица возвраќа: Шест часа работа наместо осум

Пратеникот на Левица, Амар Мециновиќ, најави дека партијата ќе предложи законско скратување на работниот ден од осум на шест часа, како одговор на иницијативата на Стопанската комора за намалување на бројот на неработни денови.

Во гостување на Алсат ТВ, Мециновиќ оцени дека барањето на Комората се темели на истата логика со која, според него, зголемувањето на минималната плата се поврзува со продуктивноста.

Тој порача дека, доколку работодавачите бараат промени што директно ги засегаат работниците, за нив најпрво треба да разговараат со синдикатите и самите вработени.

Според Мециновиќ, продуктивноста не треба да се сведува само на индивидуалниот ангажман на работникот, туку зависи и од технологијата, организацијата на работењето, менаџментот и условите за работа.

„Ако Стопанската комора бара повеќе работа од работниците, ние ќе поднесеме закон за кратење на работниот ден на шест часа од осум часа“, изјави Мециновиќ.

Тој го критикуваше и односот на Владата кон синдикатите, минималната плата и договорите на определено време, оценувајќи дека интересите на работниците се ставаат во втор план.

Мециновиќ изнесе и критики кон ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека Стопанската комора има поголемо влијание во услови на десничарска влада и дека товарот од ваквите политики, според него, најчесто паѓа врз работниците.

Најавата за шестчасовен работен ден доаѓа како директен политички одговор на иницијативата за намалување на бројот на неработни денови, а евентуалниот предлог допрва би требало да помине низ собраниска процедура.