Потполно слеп човек во Македонија бил ставен во понеповолна положба при остварувањето на правото на надоместок за помош и нега од друго лице. И покрај неговата дијагноза и медицинската документација, стручна комисија составена од тројца специјалисти му го намалила надоместокот од 6.342 на 5.610 денари, определувајќи му туѓа нега во помал обем, наместо во поголем обем.
Случајот го разгледувала Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД), која констатирала дека човекот бил дискриминиран врз основа на попреченост во областа на социјалната сигурност.
Дополнителен проблем било тоа што човекот морал да оди и на контролни прегледи за да му биде продолжено правото на надоместок, иако неговото оштетување на видот, според медицинската документација, е трајна состојба која не може да се промени.
Последниот пат кога бил на преглед, стручната комисија му определила туѓа нега во помал обем, иако во сите претходни години, со истата медицинска документација, го остварувал правото на нега во поголем обем.
Во мислењето на КСЗД не е наведено која јавна здравствена установа ја сторила директната дискриминација, ниту се откриени имињата на тројцата специјалисти кои го дале конзилијарното мислење.
Човекот во својата претставка навел дека бил ставен во понеповолна положба во однос на други лица со иста или слична состојба. Како пример ја посочил и својата сопруга, која исто така е потполно слепа и повеќе од 30 години го остварува правото на помош и нега од друго лице, но никогаш не била упатена на контролен преглед како него.
Постојаното барање да оди на контроли, иако тие не можат да покажат промена во неговата состојба, тој го опишал како вознемирување, малтретирање и понижување и пред КСЗД го поставил прашањето дали станува збор за злоупотреба.
Во претставката било посочено и дека стручната комисија не ја почитувала „Листата на трајни и привремени промени на здравствената состојба“. Во неа, шифрата H54.0, која означува слепило на двете очи, е наведена како трајна и непроменлива состојба за која постои постојана потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем.
Човекот во 2018 година, со ист офталмолошки наод и истата дијагноза, го остварил правото на надоместок за попреченост поради слепило. Во меѓувреме, како што е наведено во претставката, од него не бил побаран контролен преглед, поради што тој прашувал како истата дијагноза во еден момент може да значи право на поголем обем на нега, а подоцна да резултира со поинаков третман.
Според наводите во мислењето, тројцата специјалисти со своето постапување ги прекршиле Законот за социјална заштита и Правилникот за начинот на остварување на правото на туѓа нега. Во прописите, за состојба на целосно губење на видната функција е предвидена постојана потреба од помош и нега од друго лице во поголем обем.
Во согласност со член 49 став 2 од Законот за социјална заштита, потребата од помош и нега од друго лице во поголем обем ја има потполно слепо лице, бидејќи поради состојбата не може самостојно да ги задоволува основните активности од секојдневниот живот, ниту со помош на ортопедски помагала самостојно да се движи во станот или надвор од него, да се храни, облекува, да одржува лична хигиена и да ги врши основните физиолошки потреби.
КСЗД утврдила дека граѓанинот бил ставен во понеповолна положба при утврдувањето на потребата од помош и нега од друго лице. Причината, според Комисијата, е што му била определена нега во помал обем и му бил одреден нов контролен преглед, без да биде дадено објективно и со докази поткрепено образложение за ваквиот различен третман.
Дополнително, потенцијалниот дискриминатор не успеал да докаже дека во споредливи ситуации кон други лица со иста или слична попреченост се постапувало на ист начин, ниту дека постоеле фактички или медицински околности кои би можеле да го оправдаат различниот третман.
Поради тоа, КСЗД ѝ препорачала на јавната здравствена установа, преку надлежната стручна комисија за давање наод, оценка и мислење за потребата од помош и нега од друго лице, да ги отстрани последиците од утврдената дискриминација.
Тоа треба да се направи преку повторна проценка на конкретниот случај, при што треба да се земат предвид член 49 од Законот за социјалната заштита и критериумите од Листата на трајни и привремени промени на здравствената состојба.
КСЗД дополнително препорачала при повторната проценка стручната комисија повторно да ја разгледа и потребата од определување нов контролен преглед, имајќи го предвид трајниот и непроменлив карактер на здравствената состојба на подносителот, како и критериумите предвидени во прописите за социјална заштита.
Стручната комисија има рок од 30 дена да постапи по препораката на КСЗД. Доколку тоа не биде сторено, според мислењето, против одговорните може да биде покрената прекршочна постапка пред надлежен суд за прекршоци.








