ПРВ.мк
Свет

ОВА МAЛО ОСТРОВО Е НАЈОПАСНАТА ТОЧКА ВО ЕВРОПА: Се стравува дека Путин би можел да го стави на тест!

ОВА МAЛО ОСТРОВО Е НАЈОПАСНАТА ТОЧКА ВО ЕВРОПА: Се стравува дека Путин би можел да го стави на тест!

Речиси цел век најголема закана за жителите на архипелагот Свалбард беа поларните мечки. Сè почесто, таа закана денес доаѓа од Русија. Сè поголем е стравот дека Москва би можела да го искористи овој простран архипелаг на Арктикот — дел од Норвешка со специфичен правен статус — воено да го тестира НАТО, во момент кога расте неизвесноста во поглед на посветеноста на Соединетите Американски Држави (САД) за одбрана на Европа.

Сојузниците се сомневаат дека Русија ги испитува клучните подморски кабли во водите околу Свалбард и организира настани со воени обележја со кои ги тестира границите на правилата што го регулираат нејзиното присуство на тоа место. Додека Русија ги засилува хибридните напади ширум Европа, Осло забрзано ги јакне своите поморски и извидувачки капацитети за да го заштити северното крило, додека локалните власти на Свалбард вложуваат во критичната инфраструктура — и веќе имаат подготвено план за евакуација.

— Тензиите растат на Арктикот и на северот, а Свалбард е, секако, дел од тоа. Знаеме дека Русија користи многу начини да провоцира или да најде простор за хибридни закани — изјави за „Политико“ норвешкиот министер за одбрана Торе Сандвик.

И покрај тоа што станува збор за норвешка територија, на Шпицберген, најголемото и единствено населено острово од архипелагот, се наоѓа и една руска населба каде што на врвот на Студената војна живееле 2.400 советски граѓани, кои чинеле околу 70 проценти од вкупното население.

Со децении Москва и Осло успеваа да спречат ескалација на напрегнатоста, но таа чувствителна рамнотежа сега е на голем тест. Западните земји сè повеќе се загрижени поради руските хибридни напади во Европа и предупредуваат дека Москва би можела да обиде ограничен упад на територијата на некоја членка на НАТО до крајот на оваа деценија.

— Руското раководство е крајно непредвидливо и сè посклоно кон ризик. Не би исклучила ниту еден сценарио кога е во прашање подготвеноста на Кремљ да влезе во судир со НАТО — рече Кари Ага Миклебост, професорка по руска историја и експерт за Свалбард на Арктичкиот универзитет во Норвешка.

Далечниот север, високи тензии

Со децении Свалбард беше симбол на норвешката девиза „Далечен север, ниски тензии“, која подразбираше напори да се изгради соработка меѓу арктичките земји, вклучително и Русија.

Врз основа на меѓународниот договор од 1920 година, државите потписнички го признаа суверенитетот на Осло над архипелагот — кој се наоѓа на повеќе од 900 километри од Норвешка, а за возврат добија право на експлоатација на природните ресурси. Советите набрзо потоа го купија Баренцбург заради експлоатација на локалните наоѓалишта на јаглен, пишува „Политико“.

Споразумот исто така и забрани на која било нација да го користи Свалбард во „воени цели“, вклучително и изградба на поморски бази и утврдувања, иако Норвешка повремено го обиколува архипелагот со бродови на крајбрежната стража и армијата.

Москва нема многу интерес да го нарушува овој договор бидејќи тоа би можело да ѝ се удри од глава. Бидејќи полуостровот Кола на северозападот на Русија, каде што се наоѓаат две третини од руските подморници за возвратен нуклеарен удар, се наоѓа на само 1.000 километри оддалеченост, „Русија беше внимателна да избегне каква било ескалација“, објаснува Миклебост. Тоа го прави стратешки важен и за НАТО.

— Во случај на воен судир, токму од тука руските подморници би можеле да влезат во Северниот Атлантик, да се скријат во големите длабочини и да станат директна закана за НАТО и САД — додава таа.

Провокации во сивата зона

Сепак, напрегнатоста нагло порасна по почетокот на руската инвазија врз Украина. Од 2022 година, локалните руски официјални лица се најдоа под удар на критики поради тоа што:

  • беа домаќини на младинска организација индиректно поврзана со морнарицата,
  • најавуваа ракетни вежби во близина,
  • и одржуваа годишни паради со воени обележја, кои порано вклучуваа и прелетување на хеликоптери.

Покрај тоа, Москва во 2024 година воспостави директни бродски линии од Русија, додека минатата година отвори огранок на Руското географско друштво, на чие чело е поранешниот министер за одбрана Сергеј Шојгу.

— Ние тоа го нарекуваме провокации во сивата зона. Тоа е многу економичен начин за потврдување на руското присуство и оспорување на јурисдикцијата на Норвешка — објасни Миклебост.

Според некои наводи, британските, американските и норвешките сили оваа пролет забележале руски бродови во близина на брегот на Свалбард како тестираат тајно оружје за пресекување подморски кабли.

Иако резервите на јаглен во Баренцбург на Свалбард се намалуваат, Москва нема намера да го напушти ова место.

На тенок мраз

Вицеадмиралот Руне Андерсен, началник на Здружениот штаб на вооружените сили на Норвешка, изјави дека приоритет му е „пронаоѓање рамнотежа меѓу одвраќањето и зачувувањето на стабилноста“. Меѓутоа, имајќи ги предвид ризиците од ескалација:

  • армијата вложува во јакнење на извидувачките и набљудувачките капацитети, што вклучува и лансирање три нови сателити за мапирање на морето следната година,
  • планира „обнова на флотата навоената морнарица и крајбрежната стража заради постојано присуство“ во таа област,
  • набавува пет противподморнички фрегати од Велика Британија и шест подморници од Германија,
  • додека самата земја ја продлабочува воената интеграција со сојузниците бидејќи „одбраната на Свалбард е составен дел од плановите на Алијансата“.

Терје Ауневик, градоначалник на Лонгјербиен — главниот град на Свалбард, рече дека властите имаат подготвено план за брза евакуација на населението доколку дојде до разгорување на судирот.

НАТО без официјален план

Додека во Европа зачестеноста на саботажите, сајбер-нападите и повредите на воздушниот простор нагло расте, сè поголем е стравот дека рускиот претседател Владимир Путин би можел дополнително да ја ескалира ситуацијата, наведуваат двајца дипломати на НАТО кои сакаа да останат анонимни.

— Неофицијално постојано се зборува за тоа дека, доколку Русија сака да изврши притисок врз некоја членка на НАТО, тоа би го направила токму на Свалбард — рече Јонатан Свенсон, водич на експедиции кој веќе пет години живее во Лонгјербиен.

За да се ублажат тие стравови, пишува „Политико“ повикувајќи се на дипломати, НАТО би требало да разгледа:

  • воведување воздушни патроли над Свалбард,
  • преместување на системи за ПВО на северот од копнениот дел на Норвешка,
  • и одржување заеднички вежби во близина.

Меѓутоа, НАТО засега нема официјални планови за засилување на поморското или воздушното присуство околу овие острови. На Москва не би ѝ била потребна ниту целосна окупација. Според зборовите на аналитичарката Миклебост, Русија би можела да режира вонредна ситуација во која се загрозени нејзините граѓани и да испрати сили за управување со кризи — што е потег кој не би го активирал автоматски Членот 5 за взаемна одбрана на НАТО.