Од 1 декември треба да започне примената на новиот правилник со ревидирани критериуми за привремена спреченост за работа. Со измените се скратува периодот во кој матичниот лекар може самостојно да одобри боледување без специјалистички наод – од досегашните седум на пет дена.
Новите правила беа тема во синоќешната емисија „24 Анализа“ на Телевизија 24, каде директорката на секторот за контрола во Фондот за здравствено осигурување (ФЗОМ), Силвана Андов, ги објасни промените и податоците од досегашните контроли.
Андов информираше дека финалната верзија на правилникот веќе е испратена на одобрување до Управниот одбор на ФЗОМ. Потоа документот треба да добие согласност од Министерството за здравство и да биде објавен во „Службен весник“, со цел новите правила да започнат да се применуваат од 1 декември.
Станува збор за прва ревизија на дијагностичките критериуми од 2012 година, а промените се поврзани и со зголемениот број боледувања во последните години.
Според податоците што ги презентираше Андов, во периодот од 2021 до 2025 година бројот на пациенти се зголемил за 6,7 проценти, додека бројот на отворени боледувања во истиот период пораснал за дури 33,4 проценти.
Само во текот на оваа година, од вкупно 326 барања за вонредна контрола, 110 се однесувале на лица вработени во јавниот сектор, додека 56 барања биле поврзани со приватниот сектор.
Андов откри и дел од случаите поради кои работодавците побарале проверки. Според неа, имало пријави за осигуреници кои додека имале активно боледување биле фотографирани на плажи или присуствувале на свадби.
Дополнително, бил забележан тренд на зголемен број рендгенски снимања и отворање боледувања кај помлади вработени токму во периодот пред летната сезона.
Меѓу институциите од кои биле поднесени групни барања за проверка на сомнителни боледувања се Министерството за внатрешни работи, за 84 лица, и Министерството за одбрана, за 51 лице. Висок процент на отсуства, според презентираните информации, бил забележан и кај средниот медицински персонал во здравствениот сектор.
Што носат новите правила?
Една од главните промени се однесува на периодот во кој матичниот лекар може да отвори боледување врз основа на симптоми и доктринарни ставови, без специјалистички наод.
Досега овој период изнесуваше седум дена, а со новиот правилник ќе биде намален на пет дена.
Целта, според објаснувањата, е да се спречат ситуации во кои пациентите би можеле да го продолжуваат отсуството со промена на дијагнозите на секои седум дена, без дополнителен медицински преглед.
Сепак, за одредени дијагнози ќе остане можност матичниот лекар самостојно да води боледување до 15 дена, доколку постои лабораториски наод. Во оваа група се опфатени состојби како грип и инфлуенца, акутни респираторни инфекции, вирусни ентерити и одредени гинеколошки состојби.
Со новите правила се проширува и временската рамка за боледување поврзано со ин-витро постапка. При позитивен исход, боледувањето ќе може да трае до три месеци.
Правилникот дополнително прецизира и случаи во кои нема да биде потребно физичко присуство на пациентот кај лекар или лекарска комисија. Тоа се однесува на тешко болни лица, пациенти кои се на болничко лекување, лица кои се лекуваат во странство, како и придружници на деца до тригодишна возраст.
Нема полициски упади во домовите
Во јавноста се појавија и шпекулации дека со новите правила боледувањето практично ќе се претвори во домашен притвор и дека полицијата би можела да влегува во домовите на лицата кои се на боледување.
Андов ги демантираше ваквите тврдења и објасни дека ФЗОМ и досега имал законска можност да врши теренска проверка на осигуреник по пријава од работодавач, доколку постои сомнеж во врска со активно боледување.
Таа посочи дека не се планираат полициски упади, туку дека во иднина преку меморандуми би можело да се воспостави систем за електронска размена на податоци со Министерството за внатрешни работи.
Како пример беше посочена можноста за проверка дали лице кое има активно боледување регистрирало излез од државата преку граничниот премин.
Синдикатот бара одговорност, лекарите предупредуваат на проблеми
Новите правила предизвикаа реакции и од синдикатите и од матичните лекари.
Потпретседателот на Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ), Иван Пешевски, предупреди дека промените не смеат да ги погодат работниците кои навистина се болни. Тој посочи и дека може да се појави проблем во однос на колективните договори, во кои во одредени случаи се предвидуваат рокови од седум дена.
Пешевски смета дека одговорноста за фиктивните боледувања треба да се бара кај оние што ги издаваат, а не кај сите работници.
Тој посочи дека не треба стотици илјади работници да бидат третирани како потенцијални злоупотребувачи поради поединечни случаи и оцени дека доколку работник неоправдано користи боледување, треба да се утврди одговорност кај лекарот што го издал документот.
Според неговото гледиште, проблемот со отсуствата е поизразен во јавните институции, каде што, како што рече, државата треба да ги провери и условите во кои работат вработените.
Од друга страна, претседателот на Здружението на лекари по општа и семејна медицина, д-р Драган Георгиевски, ги отфрли обвинувањата дека лекарите се главната причина за злоупотребите.
Тој укажа на притисокот со кој, според него, се соочуваат матичните лекари од страна на пациентите, особено поради моделот на капитација.
Георгиевски објасни дека лекарите често се наоѓаат во ситуација пациенти да им се закануваат дека ќе го префрлат својот здравствен картон кај друг матичен лекар доколку не добијат боледување.
Според него, пациентите понекогаш можат убедливо да прикажат симптоми поврзани со состојби како дископатија или спондилоза, поради што лекарот се соочува со дополнителен притисок да обезбеди соодветен медицински наод.
Тој предупреди и дека скратувањето на периодот од седум на пет дена може да создаде дополнителен притисок врз секундарното здравство, бидејќи пациентите би биле упатувани почесто кај специјалисти.
Проблемот, според него, е што специјалистичките термини во клиниките веќе се пренатрупани и ограничени, па новите правила би можеле дополнително да го оптоварат системот.










