ПРВ.мк
Балкан

НОЌНА КРАЖБА КАКО ОД ФИЛМ: Украле хеликоптер од хангарот и избегале - последен пат видени во Хрватска!

НОЌНА КРАЖБА КАКО ОД ФИЛМ: Украле хеликоптер од хангарот и избегале - последен пат видени во Хрватска!

Непознати лица извршиле добро испланирана кражба на аеродромот Маутерндорф во Австрија, од каде што во текот на ноќта однеле хеликоптер „Робинсон Р44“ вреден околу 600.000 евра. Леталото го користи поранешниот олимписки шампион во скијачки скокови Томас Моргенштерн за панорамски летови.

Според досегашните информации, хеликоптерот бил украден во ноќта меѓу недела и понеделник. Полетал околу 1:50 часот, а последниот радарски контакт со леталото бил регистриран во 4:20 часот, додека се наоѓало во хрватскиот воздушен простор над островот Паг.

Истражителите се сомневаат дека сторителите детално ја подготвувале акцијата и имале сериозно техничко знаење. Пред кражбата ги насочиле безбедносните камери, ги покриле веб-камерите, а потоа ги отстраниле транспондерот и уредот ELT од хеликоптерот. На тој начин се обиделе да го отежнат неговото следење од страна на цивилните радарски служби.

Крадците, според досегашните сознанија, не заминале само со леталото. Од хангарот со себе однеле и околу 365 литри гориво.

Особено ризичен дел од кражбата било самото ноќно летање. „Робинсон Р44“ не е сертифициран за ноќни летови низ Алпите, што значи дека лицата што управувале со него се соочиле со исклучително тешки услови и главно се потпирале на месечевата светлина.

Во тек е потрага по хеликоптерот со ознака OE-XHK, а во истрагата за неговото пронаоѓање се вклучени полициските служби на Австрија, Словенија и Хрватска.

Компанијата на Томас Моргенштерн преку социјалните мрежи упати и јавен апел до граѓаните да бидат внимателни и да пријават доколку го забележат украденото летало.

Во објавата на официјалниот профил на компанијата на Инстаграм се наведува дека хангарот бил провален, хеликоптерот украден, а последниот контакт со леталото бил регистриран во 4:20 часот во хрватскиот воздушен простор.