Царинските службеници на граничниот премин на Меѓународниот Аеродром Скопје спречија обид за внесување непријавен скап накит во државата, при што беше запленет накит од брендот „Сваровски“ со вкупна проценета вредност од 333.000 денари.
Според информациите од Царинската управа, станува збор за македонска државјанка која пристигнала со авионски лет од Загреб. Наместо да се упати кон црвениот канал, кој е наменет за патници што имаат стока за пријавување, таа се движела кон зелениот канал, наменет за патници кои немаат ништо за царинска пријава.
При селекција за детална контрола, патничката изјавила пред царинските службеници дека нема ништо што треба да пријави. Сепак, по извршената рендгенска контрола и деталниот преглед на нејзиниот багаж, биле пронајдени вкупно 23 парчиња накит од брендот „Сваровски“.
Од Царинската управа информираат дека накитот бил запленет, а случајот веднаш бил предаден на Одделението за истраги при Секторот за контрола и истраги за понатамошно постапување.
Против патничката е поднесена кривична пријава поради сомнение за сторено кривично дело „криумчарење“, кое е казниво согласно одредбите од Кривичниот законик. Надлежните институции ќе ја продолжат постапката за целосно расчистување на случајот.









