ПРВ.мк
Балкан

АПЕЛ ЗА ВНИМАНИЕ ДО ВОЗАЧИТЕ: Обиколницата кај Солун повторно се затвора – еве во кои часови ќе има блокади!

АПЕЛ ЗА ВНИМАНИЕ ДО ВОЗАЧИТЕ: Обиколницата кај Солун повторно се затвора – еве во кои часови ќе има блокади!

Возачите кои во наредниот период планираат патување кон Грција или враќање од летување ќе треба да сметаат на нови ограничувања во сообраќајот кај Солун. Поради планирани градежни активности, обиколницата околу овој град повторно ќе биде затворена, а на одредени делови ќе има посебен режим на движење.

Првото целосно затворање е најавено за ноќта меѓу четврток, 23 јули, и петок, 24 јули. Во периодот од 23:00 часот навечер до 05:00 часот наутро, обиколницата околу Солун ќе биде целосно затворена за сообраќај во двата правци.

Тоа значи дека сите возила кои во тој временски период ќе се движат кон Халкидики, но и оние кои доаѓаат од правец на граничниот премин Евзони, ќе мора да користат алтернативни маршрути низ самиот град Солун.

Новото ограничување ќе продолжи и следната ноќ. Во периодот меѓу петок, 24 јули, и сабота, 25 јули, повторно од 23:00 до 05:00 часот, ќе има изменет режим на сообраќај.

Овојпат затворен ќе биде само правецот кон Евзонија, односно возилата кои ќе се движат во оваа насока ќе бидат пренасочувани низ градските улици на Солун. Насоката кон Халкидики, според најавите, ќе остане отворена и сообраќајот ќе се одвива без прекин.

Надлежните апелираат до возачите да бидат внимателни, да ја следат привремената сообраќајна сигнализација и да имаат предвид дека во ноќните часови кога ќе траат затворањата може да има зголемена гужва и побавно движење низ централните делови на Солун.

На сите кои планираат патување им се препорачува однапред да ја испланираат рутата и да остават дополнително време за пристигнување до крајната дестинација.