Силното невреме проследено со пороен дожд, силен ветер и локално интензивни врнежи остави сериозни последици во повеќе градови низ Македонија. Регистрирани се големи материјални штети, паднати дрвја и бандери, оштетени кровови, прекини во снабдувањето со електрична енергија и вода, а надлежните служби од синоќа се на терен и работат на расчистување на последиците и нормализирање на состојбата.
Во Скопје, веднаш по 17 часот, преку Единствениот број за итни повици 112 биле примени повеќе од 9.000 повици од граѓани. Најголем дел од пријавите се однесувале на паднати дрвја, оштетени автомобили, откорнати кровни конструкции, скинати електрични кабли, паднати бандери и други штети предизвикани од невремето. Пријави пристигнувале од речиси сите скопски општини.
Во Полошкиот регион, односно во Тетово, не се регистрирани потешки инциденти кои барале итни интервенции. Пријавени се само помали материјални штети, а надлежните служби соопштуваат дека состојбата е стабилна и под контрола.
Во Вардарскиот регион, кој ги опфаќа Велес, Свети Николе, Лозово, Кавадарци и Неготино, невремето предизвика паднати дрвја и гранки, оштетени кровови и настрешници, како и прекинати електрични кабли. На повеќе локации интервенираат противпожарните единици, јавните комунални претпријатија, полицијата и екипи на ЕВН. Во делови од Свети Николе, Лозово, Чашка и околните населени места има прекини во снабдувањето со електрична енергија поради оштетувања на електроенергетската мрежа. Во индустриската зона во Кавадарци, паднати електрични жици предизвикале пожар, кој брзо бил ставен под контрола.
Во Североисточниот регион, особено во Куманово, граѓаните пријавиле бројни последици од невремето. Регистрирани се паднати дрвја, оштетени фасади и кровови, урнати покриви на објекти, оштетувања на електричната инфраструктура, како и паднати бандери и кабли. На повеќе места дрвја паднале врз паркирани возила, при што е причинета материјална штета. Сите случаи се проследени до надлежните институции.
Во Пелагонискиот регион, последиците најмногу се почувствувале во прилепскиот дел. Таму е откорнат лимениот кров од управната зграда на ЈП „Национални шуми – Црн Бор“, а вработените работат на расчистување и санирање на штетите.
Особено погоден е Источниот регион, каде невремето предизвика сериозни проблеми во повеќе општини.
Во Пробиштип се евидентирани паднати дрвја и гранки, оштетени кровови на приватни и деловни објекти, паднати оџаци, оштетени автомобили, блокиран патниот правец од селото Ратавица кон Злетово, како и прекини во електроснабдувањето.
Во Кочани силниот ветер оштетил повеќе кровни конструкции, урнал дрвја и гранки, навалил бандери и предизвикал поплавување на подрумски простории. Во еден момент околу 80 проценти од градот останал без електрична енергија, а поради прекинот на работата на пумпите за вода било прекинато и водоснабдувањето. Поради сериозноста на состојбата бил свикан состанок на Општинскиот кризен штаб.
Во Штип, покрај големиот број паднати дрвја и гранки кои го отежнувале сообраќајот, оштетени се и повеќе објекти. На улицата „Вита Поп Јорданова“ е оштетена кровна конструкција, а најсериозен инцидент е регистриран на Клиничката болница во Штип, каде силниот ветер подигнал околу половина од кровната конструкција. Поради тоа дошло и до поплавување на дел од болничките простории. Противпожарната единица и јавните претпријатија интервенираат на терен за санирање на последиците.
Во Виница се регистрирани само паднати гранки, без поголеми материјални штети.
Во Југоисточниот регион, односно во Струмица, невремето предизвика прекини во нисконапонската електрична мрежа, скинати жици, паднати столбови, оштетени кровни конструкции, урнат билборд и голем број искршени и откорнати дрвја.
Штети се пријавени и во земјоделството, каде силниот ветер оштетил оранжерии, однел заштитни фолии и предизвикал штети врз земјоделските и раноградинарските култури.
Надлежните институции информираат дека сите расположливи екипи се на терен и интензивно работат на расчистување на последиците, отстранување на опасностите и враќање на нормалното функционирање во погодените подрачја.









