Два одделни обиди за криумчарење мигранти биле спречени од страна на полицијата, при што се приведени две лица кои се сомничат дека биле вклучени во нелегален транспорт на мигранти низ земјата.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека двата случаи биле откриени во одделни акции, а против приведените лица по целосното документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Првиот случај бил откриен на 21 јули околу 12:25 часот на улицата „Партизански одреди“ во Гевгелија. Полициски службеници од Полициската станица за граничен премин и граничен надзор Богородица го лишиле од слобода С.С. (35) од Струмица.
При контролата било утврдено дека тој управувал автомобил „ауди А5“ со кавадаречки регистарски таблички, за кои било констатирано дека припаѓаат на друго возило. При прегледот на автомобилот биле пронајдени пет мигранти од Авганистан.
Во возилото биле пронајдени и дополнителни документи и предмети, меѓу кои албански регистарски таблички, сообраќајна дозвола, зелен картон и договор за изнајмување на возило од рент-а-кар компанија.
За случајот бил известен јавен обвинител, а осомничениот бил задржан во полициска станица за понатамошна постапка.
Вториот случај се случил истиот ден околу 17:50 часот на експресниот пат Градско – Прилеп. Полициски службеници се обиделе да запрат автомобил „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, но возачот не застанал на дадениот знак и продолжил да се движи.
При бегството, кај клучката Крушевица, возачот изгубил контрола над возилото и удрил во заштитната ограда. По несреќата, тој заедно со мигрантите го напуштил местото.
Набргу потоа, во близина биле пронајдени двајца мигранти од Пакистан со телесни повреди. Тие биле пренесени во Општата болница во Кавадарци, каде им била укажана медицинска помош, а потоа биле сместени во Прифатниот центар за странци во Гази Баба.
Полициската истрага продолжила и во раните утрински часови на 22 јули, околу 01:00 часот, кога на експресниот пат Прилеп – Градско, кај клучката Крушевица, била извршена контрола на автомобил „фолксваген голф“ со скопски регистарски ознаки.
Со возилото управувал А.М. (30) од Скопје, а како сопатник бил затекнат И.Н. (34) од Скопје, со живеалиште во селото Крушопек. Поради основано сомнение дека е поврзан со случајот со криумчарењето мигранти, тој бил лишен од слобода.
Од МВР информираат дека по завршување на сите проверки и собирање на доказите, против лицата опфатени во двата случаи ќе бидат поднесени кривични пријави за сторени кривични дела поврзани со криумчарење мигранти.







