Секоја година десетици илјади жени и девојки во светот се убиени од интимни партнери или членови на семејството, а токму спречувањето на ваквите случаи е во фокусот на Регионалната конференција за фемицид во Југоисточна Европа, која се одржува во Скопје.
На конференцијата, организирана од Мисијата на ОБСЕ во Скопје, беше посочено дека податоците за 2024 година покажуваат оти приближно 50.000 жени и девојки биле убиени од интимен партнер или роднина. Тоа е околу 137 жртви дневно.
Експертите предупредуваат дека фемицидот најчесто не е изолиран настан, туку крајна последица на претходно насилство, закани и други ризични однесувања кои институциите треба навремено да ги препознаат.
Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска оцени дека се потребни посилни институционални механизми и подобра проценка на ризикот за навремена заштита на жртвите.
Шефот на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Килиан Вал, информираше дека преку пилот-механизмот „Femicide Watch“ досега биле разгледани 92 случаи во земјава. Од нив, 43 биле класифицирани како фемицид или обид за фемицид.
Механизмот треба преку анализа на секој случај да ги утврди слабостите во постапувањето на институциите и да помогне во создавање поефикасен систем за превенција и заштита.









