Ако дома чувате евробанкноти од постарите серии, засега нема потреба да брзате со нивна замена. Европската централна банка сè уште нема утврдено датум по кој сегашните банкноти би престанале да бидат законско средство за плаќање.
Новата генерација евробанкноти сè уште е во процес на подготовка. По изборот на конечниот дизајн ќе следуваат технички развој и производство, а нивното постепено пуштање во оптек се очекува на почетокот на 2030-тите.
Кога новите банкноти ќе се појават, тоа нема да значи дека старите евра веднаш престануваат да важат. Предвидено е старите и новите банкноти одреден период да циркулираат паралелно, а евентуалниот датум за повлекување на постојните серии ќе биде објавен однапред.
Најважно за оние што чуваат готовина е дека старите евробанкноти нема да ја изгубат својата вредност. И откако ќе престанат да бидат законско средство за плаќање, тие ќе можат да се заменуваат во националните централни банки на еврозоната без временско ограничување.
Новата серија треба да добие подобрени безбедносни елементи, а во финалниот избор за изгледот се разгледуваат дизајни базирани на темите „Европска култура“ и „Реки и птици“.









