Пензионерите од Свети Николе денеска повторно излегоа на протест, незадоволни од враќањето на процентуалното усогласување на пензиите. Нивното главно барање е повторно да се применува линеарниот модел, според кој сите пензионери добиваат ист номинален износ на зголемување.
Од септемвриската пензија, која ќе биде исплатена на почетокот на октомври, пензиите се усогласуваат за три проценти. Тоа значи дека номиналното зголемување е различно во зависност од висината на пензијата – колку е повисока пензијата, толку е поголем износот што се добива со истите три проценти.
Токму тоа беше една од главните причини за денешниот протест. Пензионерите порачаа дека трошоците во маркетите и аптеките се исти за сите и дека линеарното зголемување, според нив, обезбедува поголема поддршка за оние со најниски примања. Протестот започнал со македонската химна, а присутните скандирале и „Оставка, оставка“.
„Нашата борба е за сите идни пензионери, за корка леб и лекови“, порачаа учесниците на протестот, предупредувајќи дека процентуалниот модел дополнително ја зголемува номиналната разлика меѓу најниските и највисоките пензии.
Прашањето за моделот на усогласување повторно предизвикува јавна дебата. Директорот на ПИОМ Никола Мемов вечерва изјави дека од септември 2024 година досега пензионерите кумулативно добиле по 7.000 денари номинално зголемување преку линеарните покачувања. Тој наведе и дека за исплата на пензиите во 2026 година се планирани околу 117 милијарди денари, додека приходите од придонеси се планирани на околу 85 милијарди денари.









