ПРВ.мк
Македонија

Тошковски удри по криминалот: Нема веќе недопирливи, МВР станува машина за правда

Тошковски удри по криминалот: Нема веќе недопирливи, МВР станува машина за правда
Escape

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на денешната прес-конференција остро и без задршка проговори за сликата што ја затекнал во МВР и за длабоките реформи што веќе се спроведуваат. Според него, институцијата била нефункционална, без организација, без опрема, без авторитет и без доверба од граѓаните.

„Бандите дивееја, а институциите молчеа. Тоа заврши“, рече Тошковски, истакнувајќи дека се работи интензивно на враќање на редот, контролата и достоинството во полицијата.

За една година, вели тој, се разбиле 14 организирани криминални групи, во кои биле инволвирани над 200 сторители, меѓу кои и група вмешана во девет убиства, изнуди и напади врз полицијата.

Во борбата против дрогата, МВР открило 860 кривични дела, запленило над 430 килограми наркотична дрога, 9 кг кокаин, како и повеќе од 6 тони марихуана од компании што злоупотребувале дозволи за канабис. Спречени се три обиди за меѓународен шверц.

Во делот на корупцијата, министерот откри дека се поднесени кривични пријави против 107 лица и 18 фирми, за случаи поврзани со здравство, енергетика, даноци и безбедност, со вкупна штета за државата од над 17 милијарди денари.

Тошковски нагласи и дека се чисти и внатре во системот – отворени се над 230 постапки против вработени во МВР што не ја извршувале работата чесно.

Во однос на илегалната миграција, спречени се над 6.000 обиди за нелегален влез, откриени 64 случаи на криумчарење, а МВР работи рамо до рамо со ФРОНТЕКС и други меѓународни партнери.

Проектот „Безбеден град“ е најавен како револуционерен – со систем на камери што нема да дозволат селективна правда. „Нема повеќе: кој го познава, кој не. Камерата гледа, системот санкционира“, потенцираше министерот.

Од аспект на услови за работа, МВР отвори нов К9 центар, реновираше објекти, воведе дигитални решенија, обезбеди нови униформи и опрема, и најави реконструкција на полициски станици низ цела Македонија.

На крај, Тошковски порача: „Довербата од граѓаните не е чест, туку обврска. Ова е само почеток – одиме уште поостро, уште посилно.“

Mia Home Mavrovo