ПРВ.мк
Македонија

Тошковски: Спасените човечки животи се нашата најголема награда

Тошковски: Спасените човечки животи се нашата најголема награда

Македонија бележи намалување на бројот на жртви во сообраќајни несреќи, што, според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, е резултат на посветената работа на институциите и одговорното однесување на граѓаните.

Обраќајќи се на втората национална конференција „Безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа“, Тошковски истакна дека во изминатите 35 години Македонија во просек губела околу 150 човечки животи годишно во сообраќајни несреќи, додека од почетокот на оваа година досега бројката изнесува 85.

„Ова е значителен напредок, но не значи дека сме го решиле проблемот. Секој загубен човечки живот е премногу и затоа мора да продолжиме да работиме со уште поголема посветеност“, порача министерот.

Тошковски упати благодарност до локалните самоуправи, ЗЕЛС, РСБСП, Црвениот крст, академската заедница и полициските службеници за нивниот придонес во унапредувањето на сообраќајната безбедност.

Посебна благодарност упати до македонските граѓани, кои со своето одговорно однесување придонесуваат за побезбеден сообраќај.

Министерот нагласи дека меѓународните признанија се потврда за постигнатиот напредок, но дека спасените човечки животи остануваат најголемата награда и мотив за понатамошна работа.

Тошковски порача дека со заедничка одговорност, јасна визија и континуирана институционална соработка може да се изгради побезбедна Македонија за сите граѓани и идните генерации.