Од 1 декември цената на топлинската енергија за домаќинствата во Скопје ќе биде повисока. Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) донесе одлука за зголемување во просек од 7,56 проценти за потрошувачите кои се снабдуваат преку ЕСМ Снабдување, ЕСМ Дистрибуција, ЕСМ Производство на топлина и ЕСМ Енергетика.
Како причина за поскапувањето се наведува зголемената цена на природниот гас, поврзана со геополитичките случувања.
За корисниците приклучени на мрежата на поранешната топлана Скопје Север, која сега функционира како Енерџи Еколинк, цената ќе се зголеми за 5,84 проценти.
Со новата одлука, просечната месечна сметка за парно ќе биде повисока за 188 денари, односно ќе достигне 2.681 денар.
Одлуката е донесена откако сите компании кои снабдуваат со топлинска енергија во Скопје поднесоа вонредни барања за промена на регулираниот максимален приход и ревизија на цената. Претходната цена беше утврдена во јули, а се применува од 1 август 2026 година.
Во главниот град топлинска енергија користат близу 70.000 потрошувачи.





