ПРВ.мк
Македонија

Тежок пожар го зафати ловиштето „Јасен“, вклучени полициски и армиски хеликоптери

Тежок пожар го зафати ловиштето „Јасен“, вклучени полициски и армиски хеликоптери

Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информира дека најкритичната состојба со пожарите денес е во ловиштето „Јасен“ во Општина Македонски Брод, каде што огнената стихија со денови не може целосно да се стави под контрола.

„Иако пожарот повеќепати беше изгаснат, поради непристапниот терен негови краци повторно се реактивираат и зафаќаат поголема површина“, изјави Ангелов.

Во гаснењето учествуваат два хеликоптери на МВР и еден на Армијата, активни од рано утро, како и 15 припадници на специјалните единици на МВР, 26 армиски специјалци, екипи на ЈП „Јасен“ и тимови од Национални шуми.

Покрај пожарот во „Јасен“, активен е и помал пожар во атарот на селото Крапа, кој според Ангелов наскоро ќе биде ставен под контрола. Исто така, се работи на гаснење пожар близу селото Свиларе, со ангажман на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје и два пинцгауери на ДЗС.

Ангелов се осврна и на вчерашниот голем пожар во кичевското село Челопејци, кој претставуваше закана за блиските воени објекти и за самото село. Благодарение на брзата реакција со два полициски и еден армиски хеликоптер, два Ер-трактори, противпожарни екипи и помош од локалното население, пожарот беше целосно изгаснат околу два часот по полноќ.

„Состојбата со овој пожар е стабилна, но оставени се патроли за спречување евентуално реактивирање“, истакна Ангелов.

Escape