ПРВ.мк
Македонија

„Тешко е да се живее со депресија“: Потресни исповеди на пациенти од Клиниката за психијатрија

 „Тешко е да се живее со депресија“: Потресни исповеди на пациенти од Клиниката за психијатрија

„Тешко е да се живее со депресија“, „Сакам другите да ме разберат“, „Проблемите со менталното здравје се исти како и сите други здравствени проблеми“ – ова се дел од искрените и емотивни пораки што пациентите од Универзитетската клиника за психијатрија ги упатија до јавноста по повод Светскиот ден на менталното здравје, 10 октомври.

Преку анонимни сведоштва, пациентите ги споделија своите чувства, секојдневни предизвици и желби, со надеж дека општеството ќе покаже поголемо разбирање за луѓето кои се соочуваат со психички потешкотии.

„Колку и да сум стабилен, или да личам стабилен, внатрешно ништо не е променето“, гласи една од пораките што ја открива невидливата борба со која се соочуваат дел од пациентите.

Други, пак, посакуваат нивната здравствена состојба да биде прифатена без предрасуди, а околината да покаже повеќе разбирање и поддршка.

Овие сведоштва се дел од кампањата што годинава се спроведува под мотото „Лични искуства: вистински гласови, вистински промени“.

Од Клиниката за психијатрија објаснуваат дека целта е пациентите да добијат можност јавно да ги изразат своите чувства, а нивните животни искуства да придонесат за намалување на стигмата поврзана со менталните заболувања.

Директорката на клиниката, проф. д-р Славица Арсова, истакнува дека сведоштвата на луѓето кои поминале низ психички потешкотии можат да бидат од огромно значење и за други лица кои се соочуваат со слични проблеми.

Според неа, едно од најтешките чувства кај луѓето кои страдаат е стравот дека се сами и дека никој друг не поминува низ истата состојба.

Токму затоа, слушањето туѓи искуства може да помогне во надминувањето на чувството на осаменост и да поттикне луѓето навреме да побараат стручна помош.

Арсова нагласува дека менталните потешкотии не ја намалуваат вредноста на човекот и дека секој, во одреден период од животот, може да се најде во ситуација кога ќе му биде потребна психолошка или психијатриска поддршка.

Таа потенцира дека барањето помош не претставува слабост или причина за срам, туку знак на зрелост и свесност за сопствените потреби.

Од Универзитетската клиника за психијатрија најавуваат дека кампањата ќе продолжи и во наредниот период, со цел да се слушнат што повеќе лични приказни и да се поттикне поголема општествена свест за менталното здравје.

Нивната главна порака е дека зад секоја дијагноза стои човек кој заслужува почит, достоинство, разбирање и соодветна здравствена грижа.