ПРВ.мк
Македонија

Акција во „Национални шуми“: Приведени лица во Прилеп и Велес, откриена и штета од над 50.000 евра

Акција во „Национални шуми“: Приведени лица во Прилеп и Велес, откриена и штета од над 50.000 евра

Во изминатите неколку дена биле преземени повеќе полициски активности поврзани со работењето на ЈП „Национални шуми“, при што биле приведени лица, одземени товарни возила и конфискувани значителни количества огревно дрво.

Информациите ги соопшти заменик-директорот на претпријатието, Кире Михаилов, кој преку социјалните мрежи откри детали за последните случувања.

Според неговите наводи, поради сомневања за злоупотреба на службената положба, биле приведени директорот на подружницата „Бор“ во Прилеп и вработена во подружницата „Бабуна“ во Велес. Михаилов посочи дека, согласно информациите од МВР, постојат сериозни индиции и докази за можни незаконски постапувања.

Покрај овие случаи, неодамна била поднесена и кривична пријава против вработен во подружницата во Свети Николе, кој претходно ја извршувал директорската функција за време на владеењето на СДСМ и ДУИ, како и против фирма од селото Бузалково. Според изнесените информации, во овој случај станува збор за штета поголема од 50.000 евра.

Во рамки на активностите спроведени во последната недела, биле одземени и неколку камиони за кои Михаилов тврди дека се поврзани со лица вмешани во незаконска трговија и сеча на дрва.

Истовремено, од правно лице во Скопје биле конфискувани приближно 400 кубни метри огревно дрво, чија вредност се проценува на околу 30.000 евра.

Михаилов нагласи дека никој нема да биде поштеден од одговорност доколку се утврди дека постапувал спротивно на законот, без оглед на неговата функција, положба или политичка припадност.

„Не знам кој и колку ме верува и разбира кога велам дека правдата важи за сите и дека нема големи и мали, наши и ваши. Едноставно е, секој кој се огрешил пред Законот ќе одговара!“, порача Михаилов.