ПРВ.мк
Македонија

Полицијата приведе директор – ова се деталите

Полицијата приведе директор – ова се деталите

Директорот на подружницата „Црн Бор“ во Прилеп, која работи во рамки на ЈП „Национални шуми“, е приведен поради сомневања за неправилности при транспорт на дрвна маса, информира Министерството за внатрешни работи.

Станува збор за лицето П.Ј., а случајот бил откриен на 8 октомври 2026 година, при полициска контрола на две товарни возила што превезувале дрва за потребите на прилепската подружница.

При проверката било утврдено дека во камионите се транспортирале вкупно 25,9 кубни метри дрвна маса, придружени со испратници во кои биле наведени невистинити податоци.

Според МВР, спорните документи ги подготвиле вработени во подружницата, постапувајќи по налог на директорот.

Дополнително, полициската контрола открила и неправилности поврзани со службениот чекан што се користи за означување на дрвната маса. Како што информираат од полицијата, директорот без овластување му го предал чеканот на лице ангажирано како секач во претпријатието.

Особено внимание привлекува податокот дека лицето на кое му бил доверен службениот чекан е во семејна поврзаност со сопственикот на фирмата задолжена за сеча и транспорт на дрвата.

По откривањето на неправилностите, двете товарни возила и дрвната маса биле привремено одземени, по насоки на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Прилеп.

Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека по целосното расчистување и документирање на случајот ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.

Пријавите, според најавите, ќе се однесуваат на фирмата што го вршела транспортот, на вработени во подружницата „Црн Бор“, како и на приведениот директор.