ПРВ.мк
Свет

Сакал само селфи со фудбалска ѕвезда, а добил казна што ќе ја памети цел живот: Холанѓаните без милост за 13-годишно момче

 Сакал само селфи со фудбалска ѕвезда, а добил казна што ќе ја памети цел живот: Холанѓаните без милост за 13-годишно момче

Обидот на едно 13-годишно момче да направи фотографија со својот фудбалски идол заврши со неочекувано строга казна. Холандската фудбалска федерација му изрече петгодишна забрана за посета на стадионите во земјата, откако тинејџерот втрча на теренот за време на натпреварот меѓу Холандија и Германија.

Инцидентот се случил на 24 септември, за време на дуелот од Лигата на нации, кој завршил со резултат 1:1.

Младиот навивач ја искористил можноста да влезе на теренот и веднаш се упатил кон холандскиот репрезентативец Тијани Рејндерс. Неговата желба била да направи селфи со познатиот фудбалер, во што и успеал, пред да интервенира обезбедувањето.

Меѓутоа, фотографијата што требало да му остане како убав спомен сега ќе го чини многу повеќе отколку што очекувал.

Холандската фудбалска федерација одлучила строго да ги примени своите дисциплински правила, без оглед на тоа што станува збор за малолетно лице.

На момчето му е изречена забрана за присуство на фудбалски натпревари на стадионите во Холандија во следните пет години, односно до неговото полнолетство.

Покрај тоа, изречена му е и парична казна од 100 евра, што претставува предвидена санкција за прекршители на возраст од 12 до 16 години.

Од Федерацијата објаснуваат дека безбедноста на фудбалерите и непреченото одвивање на натпреварите се приоритет, поради што неовластеното влегување на терен е строго забрането.

Дополнително, доколку УЕФА ја казни холандската федерација поради инцидентот, постои можност финансиската одговорност да биде побарана и од законските старатели на момчето.

Така, едно навидум безобидно селфи со фудбалска ѕвезда се претвори во лекција за младиот навивач, кој во следните пет години нема да може да ги следи натпреварите од трибините на холандските стадиони.