ПРВ.мк
Македонија

ТЕНЗИИ ПОРАДИ СИПАНИЦИТЕ: АХВ и сточарите со различни ставови

ТЕНЗИИ ПОРАДИ СИПАНИЦИТЕ: АХВ и сточарите со различни ставови

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) соопшти дека целосно ја разбира загриженоста на одгледувачите на овци, но ги отфрла тврдењата дека институцијата не реагира навремено на појавата на сипаници кај малите преживари.

Од АХВ посочуваат дека по секоја лабораториски потврдена појава на вирусот веднаш се постапува согласно националните протоколи и меѓународните стандарди. Во услови на зараза, нагласуваат дека е неопходна координација меѓу институциите, ветеринарните служби и сточарите, како и доследно почитување на пропишаните мерки.

Според Агенцијата, по секој потврден случај се воспоставуваат заштитни и надзорни зони околу жариштето, се спроведуваат детални епидемиолошки истраги и се ограничува движењето на животните за да се спречи понатамошно ширење на болеста.

Во однос на забелешките за бавна реакција, од АХВ велат дека секоја институција постапува во рамките на своите законски надлежности, а одлуките се носат врз основа на стручни анализи и проценки на експертски тимови.

Реакцијата на Агенцијата следува по денешната средба со претставниците на сточарите, кои предупредија дека состојбата на терен е сериозна. Тие повторно побараа државата итно да започне со вакцинација на целиот сточен фонд, сметајќи дека досегашните мерки, како изолирањето на жариштата и отстранувањето на заболените животни, не се доволни за да се запре ширењето на болеста.