Вистински хаос се случил вчераутро во населбата Илинден, каде што во тешка сообраќајна несреќа учествувале четири патнички автомобили, а шест лица се здобиле со повреди, од кои две со тешки телесни повреди.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, несреќата била пријавена во 08:10 часот во СВР Скопје и се случила на улицата „8“ во населбата Илинден.
Во судирот учествувале патничко возило „тојота“, управувано од 42-годишен жител на Илинден, „фолксваген голф“ управуван од 18-годишник од Скопје, „цитроен“ зад чиј волан била 32-годишна жена од селото Миладиновци и „фиат“, управуван од 51-годишен скопјанец.
Во несреќата со тешки телесни повреди се здобиле возачот на „тојотата“ и неговата 65-годишна сопатничка. Со телесни повреди се здобиле уште една сопатничка од истото возило, 18-годишниот возач на „голфот“, неговиот 17-годишен сопатник, како и 32-годишната возачка на „цитроенот“.
Повредените биле пренесени и згрижени во Ургентниот центар при Клиничкиот комплекс „Мајка Тереза“, во ЈЗУ „Св. Наум Охридски“ и во Градската општа болница „8 Септември“, каде што им биле констатирани повредите и им била укажана лекарска помош.
На местото на несреќата увид извршила увидна екипа на СВР Скопје, а причините за судирот и сите околности под кои дошло до несреќата се предмет на понатамошна истрага.






