Од понеделник до вторник навечер Македонија може да биде зафатена од нагла промена на времето, со предупредувања за локални силни бури, обилни врнежи, грмежи и појава на град.
Според метеоролошките најави, низ земјата ќе поминат неколку атмосферски нестабилности кои ќе донесат многу променливо и турбулентно време. Невремето би се движело од запад кон исток, а прво на удар би биле западните и северните делови од државата, додека подоцна нестабилноста би се проширила и кон останатите региони.
Се очекуваат поројни дождови со грмежи, локално интензивни врнежи, засилен ветер и можност за појава на град во одредени подрачја. Метеоролозите предупредуваат дека не се исклучува и развој на поинтензивни грмотевични облаци, кои можат да донесат нагло и силно невреме на локално ниво.
Нестабилното време би можело да се задржи и во текот на вторник, особено во северните и централните делови од Македонија, пред постепено смирување кон крајот на денот.






