Дванаесетгодишното девојче, кое минатата недела беше избодено од 45-годишен маж среде улица во Алба Јулија, Романија, ќе остане во болница најмалку еден месец. Нападот бил извршен како одмазда кон таткото на девојчето, со кого напаѓачот претходно се скарал.
Осомничениот е уапсен набрзо по нападот, а обвинителството откри морничави детали – пред да биде свирепо избодено, девојчето било и крвнички претепано.
Хронологија на ужасот
Стравичниот злостор се случил на 8 мај, нешто по 13 часот, додека детето се враќало од училиште. Девојчето возело велосипед кон дома, а кратко зад неа се движел и нејзиниот татко, кој за момент застанал, верувајќи дека детето брзо ќе стигне до дома.
Додека девојчето возело, пред неа одеднаш се појавил мажот, исто така на велосипед, кој ѝ го препречил патот и ја соборил на асфалтот.
„На 8 мај 2026 година, околу 13:19 часот, обвинетиот му го препречил патот на 12-годишното малолетно лице. Поради веќе постоечки конфликт со таткото на жртвата, тој почнал да ѝ се заканува на малолетничката, ја соборил од велосипедот и почнал со тупаници и клоци да ја удира по телото додека таа лежела на земја“, се наведува во соопштението на обвинителството.
Свирепо изживување
Тука не бил крајот на нападот. Напаѓачот ја фатил малолетничката за коса и почнал со главата да ја удира од метален столб на сообраќаен знак. Потоа, повеќепати ја прободел со шрафцигер во пределот на градите и долниот дел на грбот. На крајот, ѝ го забил шрафцигерот во грбот, нанесувајќи ѝ тешки трауматски повреди.
Детето се здобило со стравични повреди на лицето, а убодната рана на десната страна од градите довела до колапс на белодробното крило. Исто така, констатирани се повреди на ’рбетот и бројни рани на рацете и нозете.
„Овие повреди бараат до два месеци медицинска нега, а трауматската повреда на градите е опасна по животот на малолетничката“, велат од обвинителството.
Нападнат и таткото
Во нападот бил повреден и таткото, кој во меѓувреме пристигнал на местото и затекнал ужасна сцена. Обидувајќи се да ја одбрани својата ќерка, и тој се здобил со убодни рани. Напаѓачот повеќепати го удрил со тупаница во лицето, му го забил шрафцигерот во левиот бут и го исекол по десната нога.
Обвинителството наведува дека осомничениот претходно немал криминално досие. Му е одреден притвор во траење од 30 дена.







