Швајцарските глечери се топат со алармантна брзина под ударот на екстремниот топлотен бран што ја зафати Европа, предупредуваат експертите од швајцарската служба за мониторинг на глечерите ГЛАМОС. Според нивните проценки, годинава зимскиот снег и мраз би можеле целосно да исчезнат уште до почетокот на следната недела, што би бил вториот најран „ден на губење на глечерите“ откако се вршат мерења.
Експертите предупредуваат дека секое дополнително топење во текот на летото ќе значи ново намалување на масата на глечерите во швајцарските Алпи, кои веќе со години се повлекуваат со забрзано темпо.
Директорот на ГЛАМОС, Матијас Хус, изјави дека на повеќе локации низ Алпите се забележани екстремни стапки на топење, при што некои глечери изгубиле и до еден метар мраз во вертикален правец за само десет дена.
Според него, ваквата состојба е резултат на комбинација од екстремно високи температури, недостиг од снежни врнежи во текот на зимата и присуство на сахарска прашина, која дополнително го забрзува топењето бидејќи ја намалува способноста на мразот да ја одбива сончевата светлина.
Податоците покажуваат дека швајцарските глечери изгубиле околу 38 проценти од својот волумен во периодот од 2000 до 2024 година, а во последните пет децении исчезнале околу 1.200 глечери.
Научниците предупредуваат дека, доколку продолжи сегашниот тренд на глобално затоплување, до крајот на векот во Алпите би можеле да опстанат само мал број глечери, што ќе има сериозни последици врз природата, водните ресурси и екосистемите во регионот.







