Општина Касандра на Халкидики испрати јасна порака до сите туристи и посетители – незаконски поставените чадори, лежалки и друга опрема на плажите ќе бидат отстранети доколку сопствениците не ги тргнат во рок од 24 часа. Интересно е што известувањето, покрај на грчки и англиски, е објавено и на македонски јазик, со оглед на големиот број туристи од Македонија кои летуваат на првиот крак на Халкидики.
Од локалната самоуправа појаснуваат дека целта е плажите да останат слободни и достапни за сите посетители. Според важечкиот закон за заштита на јавниот карактер на крајбрежјето и плажите, не е дозволено без одобрение да се оставаат чадори, лежалки или друга опрема на јавен простор.
Во соопштението се наведува дека по истекот на рокот од 24 часа, општинските служби ќе ги отстранат сите предмети без дополнително предупредување. Откако ќе бидат собрани, тие ќе се сметаат за напуштен отпад и нема да им бидат вратени на сопствениците.
Од Општина Касандра потсетуваат дека вакви акции беа спроведени и минатото лето, кога од повеќе плажи беа отстранети стотици нелегално поставени чадори, лежалки и столици. Локалните власти најавуваат дека и оваа сезона ќе продолжат со засилени контроли со цел да се обезбеди слободен пристап до плажите и да се заштити крајбрежјето.









