Бројот на регистрирани случаи на западнонилска треска во Македонија годинава достигна 58, а досега се регистрирани и осум смртни случаи, покажува најновиот неделен извештај на Институтот за јавно здравје, со податоци заклучно со 8 септември 2026 година.
Од вкупно 58 случаи, 54 се потврдени, а четири се водат како веројатни. Според местото на живеење, дури 55 заболени се од Скопје, додека по еден случај има од Велес, Куманово и Свети Николе.
Најголема концентрација на случаи, според веројатното место каде што лицата биле изложени на вирусот, е регистрирана во Кисела Вода – 13 случаи, а ИЈЗ посочува дека особено се издвојува подрачјето на Драчево.
Следува Гази Баба со 11 случаи, Бутел со седум и Аеродром со пет. Во Илинден, Зелениково и Студеничани се регистрирани по три случаи, додека Чаир, Центар, Петровец и Сопиште имаат по два. По еден случај според веројатното место на изложеност има во Арачиново, Куманово, Велес, Свети Николе и Долнени. ИЈЗ нагласува дека веројатното место на изложеност не мора да значи и потврдено место на инфекција.
Особено загрижува податокот дека кај 56 од 58 заболени е регистрирана невроинвазивна форма на болеста. Сите овие пациенти биле хоспитализирани. Пет лица, според последниот извештај, сè уште биле на болничко лекување, додека осум починале.
Сите осум починати се мажи од Скопје, на возраст од 62 до 83 години, а кај седум од нив биле регистрирани и други придружни заболувања. Само во периодот од 2 до 8 септември биле пријавени два нови случаи и два нови смртни исходи.
ИЈЗ уште на 11 август пријавил епидемија на западнонилска треска во општините Кисела Вода, Гази Баба, Аеродром и Бутел. Институтот оценува дека концентрацијата на случаи во Скопскиот регион укажува на интензивирана локална трансмисија на вирусот.
Западнонилската треска се пренесува преку каснување од заразен комарец. Кај голем дел од заразените инфекцијата може да помине без изразени симптоми, но кај дел од пациентите може да се развие потешка форма со зафаќање на централниот нервен систем.
Како мерки за заштита, ИЈЗ препорачува употреба на репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици, поставување мрежи на прозорците и вратите, како и отстранување садови и површини со застоена вода каде што можат да се размножуваат комарци.










