Врховниот суд ја укина правосилната пресуда за автобуската несреќа на „Дурмо турс“ кај Ласкарци, во која на 13 февруари 2019 година животот го загубија 16 лица, а 37 беа повредени.
Со одлуката на Советот за казниви дела се укинуваат претходните судски одлуки, а предметот се враќа на повторно одлучување. Тоа значи дека судската постапка ќе треба повторно да се води и одново да се утврдува кривичната одговорност на обвинетите.
Осудените кои веќе ги издржуваат затворските казни, по укинувањето на правосилната пресуда ќе излезат од затвор.
Одлуката ја донел Советот за казниви дела при Врховниот суд во состав: претседателот на Судот Африм Фидани, судијата известител Џемали Саити и судиите Сафет Кадрии, Цветанка Периќ и Мирјана Лазарова-Трајковска.
Во предметот беа обвинети шест лица – сопственикот на „Дурмо турс“, Дурмиш Белули, одговорното лице за транспорт во компанијата Ремзи Мифтари, возачот Маноил Трифуновски и тројца вработени во станицата за технички преглед.
Првите тројца беа обвинети за тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека останатите тројца беа обвинети за соучество во истото кривично дело.
Трагичната автобуска несреќа кај Ласкарци се случи на 13 февруари 2019 година, кога автобус на „Дурмо турс“ излета од автопатот Скопје – Тетово. Во несреќата загинаа 16 лица, а 37 беа повредени.








