ПРВ.мк
Македонија

СКАНДАЛ ВО ПОЛИЦИЈАТА: Пукал кон куќа, па со колега се обиделе да ги сокријат доказите!

СКАНДАЛ ВО ПОЛИЦИЈАТА: Пукал кон куќа, па со колега се обиделе да ги сокријат доказите!

Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Прилеп против В.Ј. поради сомнение за сторени кривични дела „предизвикување на општа опасност“ и „попречување на правдата“, како и против А.Л. поради сомнение за „помагање“ во врска со истите дела.

Според пријавата, на 08.12.2025 околу 23:40 часот, В.Ј., кој бил приправник во Надворешната канцеларија за криминалистички работи во ОВР Прилеп, во дворот на својата семејна куќа испукал два куршуми од службен пиштол на МВР. Оружјето му било дадено од второпријавениот А.Л., полицаец во Полициската станица Прилеп.

Куршумите завршиле во соба од соседната куќа, предизвикувајќи сериозен ризик по безбедноста. Кога на местото пристигнала полиција, првопријавениот се обидел да го отежне докажувањето, така што зел еден од проектилите од соседната куќа и го преместил во дворот од својот дом.

Дополнително, двајцата пријавени преку телефонски пораки се договориле целосно да го негираат настанот, со цел да ги прикријат трагите.

Одделот за внатрешна контрола најави дека ќе покрене постапка за дисциплинска одговорност против полициските службеници, како и мерки за нивно отстранување од работното место.

Најнови вести