Германскиот малопродажен ланец Hammer Raumstylisten GmbH, познат по продажба на производи за уредување на домот, подни облоги и домашен текстил, целосно ги затвора своите продавници и заминува во стечај.
Според информациите на германската агенција dpa, до крајот на мај ќе бидат затворени и последните 21 продажен објект, со што компанијата официјално ќе престане со работа. Без работа ќе останат околу 1.100 вработени.
Стечајниот управник Штефан Мајер изјавил дека иако постоел интерес од потенцијални инвеститори, ниту една понуда за преземање на компанијата не била успешно реализирана.
Компанијата поднела барање за стечај уште во јануари, а поради тешката финансиска состојба постепено биле затворани десетици продавници низ Германија. Најголемиот дел од отказите биле поделени уште во април.
Од раководството оценуваат дека закрепнувањето било речиси невозможно поради слабата потрошувачка, кризата во малопродажбата и сè поголемото префрлање на купувачите кон онлајн шопинг.
Минатата година ланецот бил преземен од инвестицискиот конзорциум Rethink, но ни тоа не помогнало да се стабилизира работењето.
Според податоците на Allianz Trade, во германската малопродажба лани биле регистрирани 2.571 стечај, што е највисока бројка во последната деценија.









