Набавката на ВЛТ терминалите во АД „Државна лотарија“ била спроведена врз основа на претходно донесени планови и одлуки на органите на управување, а набавените апарати никогаш не биле пуштени во употреба, изјави денеска пред судот сведокот Александар Андонов.
Андонов бил член на комисијата задолжена за спроведување на јавната набавка и во своето сведочење нагласи дека комисијата постапувала врз основа на веќе донесени одлуки.
Според него, набавката била предвидена во Планот за јавни набавки на компанијата, документ кој го усвојувал Управниот одбор.
Тој објасни дека самиот факт што одредена набавка е внесена во планот не значи дека таа задолжително мора и да се реализира, бидејќи тоа зависело од потребите и одлуките на друштвото.
Покрај планот за јавни набавки, според сведокот, постоел и финансиски план кој го усвојувал Управниот одбор по претходно одобрување од Надзорниот одбор, а потоа бил доставуван на разгледување и до Владата како единствен акционер на „Државна лотарија“.
Пред распишувањето на јавната набавка, како што рече Андонов, се спроведувала и претходна постапка во која се собирале документи за да се утврдат законитоста, оправданоста и потребата од конкретната набавка.
По завршувањето на оваа фаза била донесена одлука за јавна набавка и била формирана комисија која ја спровела постапката преку Електронскиот систем за јавни набавки.
На тендерот биле доставени три понуди.
Според сведочењето, комисијата го проверувала формално-правниот дел од понудите, додека посебна техничка комисија утврдувала дали понудените апарати ги исполнуваат условите од техничката спецификација.
По евалуацијата бил изготвен записник и извештај, по што била донесена одлука за избор на најповолни понудувачи.
Андонов истакна дека по склучувањето на рамковните спогодби набавката била предмет и на управна контрола од Бирото за јавни набавки.
Контролата, според него, имала цел да провери дали постапката била спроведена во согласност со Законот за јавни набавки.
На прашањето што се случило со набавените ВЛТ терминали, сведокот изјави дека тие никогаш не биле ставени во употреба и дека сè уште се наоѓаат во магацините на „Државна лотарија“.
Тој посочи дека биле доставени барања до Управата за јавни приходи и Министерството за финансии за нивно ставање во употреба, но рече дека не знае дали и какви решенија биле донесени од надлежните институции.
Андонов не можеше да одговори ниту зошто апаратите на крајот не биле активирани, посочувајќи дека таквите одлуки не биле во надлежност на комисијата за јавната набавка.
Одговарајќи на прашања од одбраната, сведокот рече дека не може точно да се сети на целокупната документација во постапката, но посочи дека, со оглед на тоа што постапката завршила со договор, потребните документи биле доставени.
Тој изјави и дека не е запознаен дали при подготовката на набавката биле обезбедени правно мислење и физибилити студија, бидејќи неговата улога како член на комисијата била ограничена на разгледување на понудите.
Андонов потврди дека сите набавени ВЛТ апарати биле наменети за електронски игри на среќа.
На дополнителни прашања од обвинителството, сведокот се согласи дека изготвувањето предлог-одлука од стручните служби не значи дека надлежните органи мора автоматски и да ја усвојат.
Судењето за предметот „Државна лотарија“ продолжува.








