Во голема меѓународна полициска операција, спроведена со поддршка на Европол, уапсени се вкупно 47 лица осомничени дека биле дел од организирана криминална мрежа поврзана со Западен Балкан.
Според Европол, групата се занимавала со меѓународна трговија со дрога, а истражителите ја поврзуваат и со убиства, обиди за убиства, киднапирања и напади со експлозивни направи во повеќе европски држави.
Операцијата кулминирала на 6 октомври, кога биле извршени претреси на 42 локации во Словенија и Шпанија, во координација и со хрватските власти.
Во акцијата биле уапсени 34 лица во Словенија, едно во Шпанија и едно во Хрватска, додека уште 11 осомничени биле приведени во претходните фази од истрагата.
За време на последната операција полицијата запленила 66 килограми дрога, од кои 51 килограм канабис и 15 килограми амфетамин, како и огнено оружје, готовина и накит.
Според истрагата, организацијата користела исклучително насилни методи за решавање на внатрешните спорови.
Кога пратки со дрога исчезнувале, биле запленувани од полицијата или настанувале финансиски конфликти, следувале одмазднички напади врз членови на групата, а во одредени случаи и врз нивните семејства.
Истражителите ја поврзуваат мрежата со повеќе престрелки, убиства, обиди за ликвидации и киднапирање на еден нејзин член.
Во некои напади биле користени и експлозивни направи, меѓу кои и рачни гранати.
Откриен бил и обид за убиство на територијата на Шпанија.
Во криминалната структура, според Европол, имало државјани на Босна и Херцеговина и Србија, како и лица од Словенија, Бугарија, Турција и Холандија.
За транспортот на наркотиците најчесто биле ангажирани возачи од Словенија, БиХ и Бугарија.
Дрогата се превезувала со камиони, комбиња и патнички автомобили, скриена меѓу легална трговска стока.
Кокаин, канабис, амфетамин, МДМА и метамфетамин биле транспортирани од Белгија, Холандија и Шпанија кон други европски држави.
За комуникација членовите на групата користеле криптирани платформи, меѓу кои SKY ECC и CryptCom.
Во периодот од февруари 2022 до септември 2026 година, во рамки на истрагата биле запленети 253 килограми кокаин, 404 килограми канабис, 18,8 килограми метамфетамин и 825 грама МДМА.
Полицијата конфискувала и 550 литри хемиски прекурсор за производство на дрога, автоматско оружје со придушувач, муниција и повеќе пиштоли.
Сепак, истражителите веруваат дека вистинскиот обем на криминалната активност бил многу поголем.
Врз основа на анализата на криптираните комуникации, се истражуваат активности поврзани со околу 2,5 тони канабис, 474 килограми кокаин, 104 килограми хероин, 30 килограми амфетамин и 11,6 килограми МДМА, како и други психоактивни супстанции.
Меѓу количините што се предмет на истрагата се и околу 18.000 таблети екстази и 1.000 единици психоактивни печурки.
Во операцијата учествувале претставници од 22 држави, а координацискиот центар бил поставен во Љубљана.
Европол обезбедувал аналитичка и оперативна поддршка, а целата акција била дел од европската платформа EMPACT за борба против организираниот криминал.
Во соопштението на Европол не се наведува дека меѓу уапсените има македонски државјани.








