Петгодишно момче почина откако голем видеоекран се превртел врз него во основно училиште во Палм Беј, во американската сојузна држава Флорида.
Трагичниот инцидент се случил во училиштето „Ривиера“, а детето било итно пренесено во болница, каде подоцна им подлегнало на повредите.
Семејството го идентификувало момчето како Белами Докинс-Морис.
Според полицијата, вработените во училиштето веднаш повикале итна медицинска помош и почнале да му укажуваат помош на детето до пристигнувањето на медицинските екипи.
Заменик-началникот на полицијата во Палм Беј, Ник Шчепански, изјавил дека првичните сознанија укажуваат дека станува збор за трагична несреќа, но истрагата сè уште трае.
Во расчистувањето на случајот се вклучени истражители за тешки кривични дела, специјализирани единици и форензичари.
Засега не е официјално утврдено како точно дошло до превртувањето на екранот.
Според семејството, ним им било кажано дека момчето го нишало екранот непосредно пред конструкцијата да падне врз него.
Роднините сега бараат одговори дали уредот бил соодветно прицврстен и дали детето во моментот било под соодветен надзор.
„Очекувавме дека ќе биде безбеден во училиштето, а тој не ни се врати“, изјавила неговата тетка Миријам Родригез.
Управителот на училишниот округ Бревард, Марк Рендел, трагедијата ја опишал како исклучително тежок момент за целата училишна заедница и изразил сочувство до семејството.
Тој им се заблагодарил и на итните служби и медицинскиот персонал за обидите да го спасат детето.
Училишните власти најавиле поддршка за учениците, наставниците и останатите вработени по трагичниот настан, додека полицијата продолжува да ги утврдува сите околности на несреќата.








