ПРВ.мк
Македонија

Се враќа платениот паркинг во Велес: Познато колку паркинг места ќе бидат опфатени

Се враќа платениот паркинг во Велес: Познато колку паркинг места ќе бидат опфатени

Во Велес започна постапката за повторно воведување на платениот паркинг, повеќе од четири години откако системот беше ставен во мирување. Враќањето на наплатата ќе се спроведува етапно, а тоа не значи дека паркирањето веднаш ќе почне да се наплаќа.

Советот на Општина Велес на последната седница ја усвои одлуката што се однесува на јавните паркиралишта од значење за општината.

„Носењето на оваа одлука не значи дека автоматски од утре започнува платениот паркинг во Велес. Тоа е чекор во подготовка на воведување на платен паркинг во иднина“, изјави секретарот на Општина Велес, Панче Јанев.

Со новата одлука се дефинираат јавните паркиралишта на кои во иднина ќе може да се организира паркирање со наплата, како и нивната поделба на зони и подзони.

Според изготвениот регистар, предвидени се вкупно 963 паркинг места. Во зона А се опфатени 173 места, во зона Б 581, а во зона Ц уште 209 паркинг места. Во вкупната бројка се вклучени и 100 места од подземната катна гаража која сè уште е во изградба.

Засега нема да се наплаќа паркирањето на делови од улиците „Благој Ѓорев“, од Авона надолу, и „8 Септември“, од Пошта до Саатот. На овие делници секојдневно се паркираат голем број автомобили во третата лента, но бидејќи станува збор за регионални патишта, наплата засега не е предвидена.

Според локалната власт, ваквата состојба треба да остане сè додека не биде изградена најавената обиколница околу Велес кон Чашка.

Советничката Анета Стаиќ ја поздрави одлуката, но посочи дека има забелешки околу надлежностите на ЈП „Парк, спорт и паркинзи“, особено во однос на правилниците, цените, резидентното паркирање и другите правила.

Претседателот на Советот, Даниел Јаневски, појасни дека правилниците што ќе ги изработи Управниот одбор на јавното претпријатие ќе бидат доставени до Советот, кој потоа ќе одлучува за нивното усвојување и важност.

Платеното паркирање во Велес првпат беше воведено по одлука донесена во декември 2020 година. Системот функционираше околу шест месеци, а во април 2022 година беше ставен во мирување поради финансиски загуби во работењето.

Во моментов сè уште не е одреден конкретен датум кога повторно ќе започне наплатата, а претстојат дополнителни чекори за целосно активирање на системот.