ПРВ.мк
Македонија

Мистерија: Му барале пари и возила поради деловен простор, потоа исчезнал

Мистерија: Му барале пари и возила поради деловен простор, потоа исчезнал

Полицијата во Тетово презема мерки за пронаоѓање на маж кој станал недостапен откако, според пријавата на неговиот татко, повеќе лица му вршеле притисок и му се заканувале во врска со договор за деловен простор во Тетово.

Случајот бил пријавен на 14 септември во 10 часот во СВР Тетово од 56-годишниот Б.А. од селото Горно Палчиште.

Според пријавеното, во претходните денови неколку лица кои пријавителот ги познавал вршеле притисок врз неговиот син Д.А. и со закани од него барале исплата на поголема сума пари и возила.

Сето тоа, според пријавата, било поврзано со договор за деловен простор во Тетово.

Таткото пријавил дека по упатените закани, од 13 септември неговиот син е недостапен и тој не може да воспостави контакт со него.

За случајот е известен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово, а полицијата презема мерки за целосно расчистување на околностите и за пронаоѓање на лицето.

Засега нема официјални информации каде се наоѓа Д.А., ниту е утврдено дали неговата недостапност е директно поврзана со пријавените закани. Наводите за притисоците, барањето пари и возила се дел од пријавата и допрва треба да бидат проверени од надлежните институции.