ПРВ.мк
Свет

Тепање, синџири и тортура: Хаг ги објави деталите од злосторствата за кои се осудени Тачи и поранешните лидери на ОВК

Тепање, синџири и тортура: Хаг ги објави деталите од злосторствата за кои се осудени Тачи и поранешните лидери на ОВК

Специјализираните совети на Косово во Хаг објавија тешки наоди за незаконски притворања, физичко и психичко малтретирање, тортура и убиства извршени за време на конфликтот во Косово, во пресудата против поранешните лидери на ОВК – Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи.

Судскиот совет ги прогласи четворицата за кривично одговорни за воени злосторства поврзани со произволно притворање на 385 лица, сурово постапување кон 49 лица, тортура врз 303 лица и убиства на 96 лица. Официјалното соопштение на судот наведува дека огромното мнозинство од жртвите биле невини цивили кои не учествувале активно во непријателствата.

Меѓу жртвите имало косовски Албанци поврзувани со други политички или воени структури, лица за кои се тврдело дека соработуваат со српските или југословенските власти, како и припадници на етничките малцинства, меѓу кои Срби и Роми. Судот утврдил дека многумина биле означувани како „соработници“ или „шпиони“ врз основа на непроверени или неосновани тврдења.

Тешко физичко и психичко малтретирање

Во образложението на пресудата биле опишани бројни форми на физичко и психичко насилство врз притворените. Дел од жртвите биле изложувани на тешки услови, тепање, заплашување и други форми на злоупотреба.

Според судските наоди, последиците кај дел од преживеаните биле долготрајни – и физички и психолошки. Судот посебно зел предвид дека некои од жртвите биле особено ранливи поради возраста или затоа што биле принудени да присуствуваат на малтретирање или убивање членови на нивните семејства.

Утврдени 96 убиства

Судот утврдил кривична одговорност и за воениот злостор убиство во однос на 96 лица. Според официјалното резиме на пресудата, насилството било дел од заедничка криминална цел насочена кон лица кои биле сметани за противници на политичките и воените цели на ОВК.

Судскиот совет заклучил дека Тачи, Весели, Сељими и Красниќи значително придонеле кон таа заедничка криминална цел.

За Тачи, судот утврдил и лично учество во одредени кривични дела, меѓу кои апсење, произволно притворање и испрашување на 13 парламентарци, како и во апсењето, притворањето, трансферот и убиството на Бехајдин Алаќи. Во пресудата се наведува и дека придонел кон политика на неказнивост за сторителите на злосторства против лица сметани за противници.

Тачи и Красниќи добија по 25 години

На Хашим Тачи му е изречена казна од 25 години затвор, исто колку и на Јакуп Красниќи. Кадри Весели е осуден на 18 години, а Реџеп Сељими на 13 години затвор. Во казните ќе им биде пресметано времето што веќе го поминале во притвор.

Судот, сепак, ги ослободи четворицата од обвиненијата за злосторства против човештвото, оценувајќи дека обвинителството не докажало надвор од разумно сомнение постоење широк или систематски напад насочен против цивилното население. Тие се ослободени и во однос на дел од конкретните инциденти опфатени со обвинението.

Станува збор за првостепена пресуда, а обвинетите имаат право на жалба. Тачи и останатите во текот на судскиот процес ги негираа обвиненијата