ПРВ.мк
Свет

Падна пресудата во Хаг: Хашим Тачи доби 25 години затвор, осудени уште тројца поранешни лидери на ОВК

Падна пресудата во Хаг: Хашим Тачи доби 25 години затвор, осудени уште тројца поранешни лидери на ОВК

Поранешниот претседател на Косово, Хашим Тачи, денеска е осуден на 25 години затвор за воени злосторства, соопштија Специјализираните совети на Косово со седиште во Хаг. Пресудата е првостепена и постои можност за жалба.

Заедно со Тачи, виновни за воени злосторства се прогласени и поранешните високи претставници на Ослободителната војска на Косово – Кадри Весели, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи.

Судскиот совет му изрече 25 години затвор на Тачи, додека Јакуп Красниќи исто така доби 25 години. Кадри Весели е осуден на 18 години, а Реџеп Сељими на 13 години затвор. Во казните ќе им биде пресметано времето што веќе го поминале во притвор.

Што утврди судот?

Според официјалното соопштение на Специјализираните совети, четворицата се прогласени за кривично одговорни за воени злосторства што опфаќаат незаконско или произволно апсење и притворање, сурово постапување, тортура и убиства.

Судот утврдил произволно притворање на 385 лица, сурово постапување кон 49 лица, тортура врз 303 лица и убиства на 96 лица.

Според судскиот совет, четворицата значително придонеле кон заедничка криминална цел насочена кон лица кои биле сметани за противници на политичките и воените цели на ОВК. Меѓу нив имало косовски Албанци поврзувани со други политички или воени структури, лица осомничени за поврзаност со српските или југословенските власти, како и припадници на етничките малцинства, меѓу кои Срби и Роми.

Од друга страна, судот не ги прогласи за виновни за злосторства против човештвото, бидејќи оцени дека обвинителството не успеало надвор од разумно сомнение да докаже дека постоел широк или систематски напад насочен против цивилното население. Ослободени се од вина и за одредени конкретни инциденти опфатени со обвинението.

Судскиот процес траеше со години

Тачи, Весели, Сељими и Красниќи беа префрлени во притворот на Специјализираните совети во Хаг во ноември 2020 година. Главното судење започна во април 2023 година, а доказната постапка беше затворена во декември 2025 година.

Тачи беше претседател на Косово од 2016 до 2020 година, а претходно и премиер. Тој беше еден од најистакнатите политички претставници на ОВК во периодот на конфликтот.

Обвинетите во текот на постапката ги негираа обвиненијата. Денешната одлука не е конечна, бидејќи станува збор за првостепена пресуда која може да биде обжалена.