Единствениот исправен радар на Скопскиот аеродром се расипа, оставајќи ги контролорите без можност да ги следат авионите на мала висина при слетување. Од двата радара што го покривале аеродромот, едниот веќе беше нефункционален, а вториот сега исто така откажал.
Додека не пристигне и не се инсталира резервниот дел од Италија, авионите ќе мора да слетуваат еден по еден, а оние кои пристигнуваат истовремено ќе мора да кружат додека контролорите ги обработат претходните летови.
Директорот на Македонската навигација (М-НАВ), Владимир Ристески, потврди дека нема безбедносен ризик, но регулацијата на бројот на авиони на час ќе остане на сила додека се отклони дефектот. Контролорите се поддржани со грчки и бугарски радар за контролирање на летови на поголеми височини.
Ристески истакна дека проблемот е резултат на технички квар и задоцнување на добавувачот од Италија, а новата опрема ќе биде инсталирана кога ќе заврши сезоната на густи прелети. Контролорите, кои летово заканија со штрајк поради застарена опрема, го стопираа штрајкот откако добија уверување дека новата опрема ќе се инсталира.
„Се работи за многу сложена операција која не може да се заврши од денеска за утре. Новата опрема постои, но не била инсталирана од претходниците, а добавувачот од Италија доцнел“, изјави Ристески.