Реката Вардар се излеа од своето корито во близина на селото Форино, по што од синоќа е воведена целосна забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 на делницата Гостивар – село Чегране. Од Авто-мото сојуз на Македонија информираат дека мерката е донесена поради безбедносни причини, откако водата го зафатила патот и го направила небезбеден за движење.
Според информациите, сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле, а потоа кон Форино, со цел да се избегне поплавениот дел од регионалниот пат. Надлежните апелираат возачите строго да ги почитуваат поставените сообраќајни знаци и насоките од службите на терен.
Обилните врнежи од дожд што ја зафатија земјата во изминатите денови доведоа до зголемување на водостоите на повеќе реки, при што во западниот дел од државата се регистрирани и поплавени површини и села. Надлежните институции внимателно ја следат состојбата, а локалното население е повикано на претпазливост.
Од АМСМ предупредуваат дека поради влажните коловози, можните одрони и намалената видливост, потребно е исклучително внимателно управување со возилата, особено на патиштата во западниот регион. Воедно, од Управа за хидрометеоролошки работи апелираат граѓаните да се движат претпазливо покрај реките и водотеците, поради ризик од нови излевања доколку врнежите продолжат.
Надлежните служби остануваат на терен и ја следат состојбата со водостојот на Вардар, а дополнителни мерки ќе бидат преземени доколку дојде до влошување на временските услови.
















