Најмалку 10 скијачи исчезнаа во лавина што ја зафати оддалечената скијачка патека во планините Сиера Невада во Калифорнија.
Властите соопштија дека 6 скијачи се спасени во тешки снежни услови. Автопатот во близина е затворен поради лоша видливост предизвикана од силната снежна бура.
– Потрагата по исчезнатите ќе биде бавен и тежок процес, бидејќи опасноста од нови лавини останува многу висока, изјави капетанот Расел Грин од канцеларијата на шерифот на округот Невада.
Лавината го погоди подрачјето Касл Пик, околу 16 километри северно од езерото Тахо, затрупувајќи група од 16 скијачи. Според официјалното соопштение, групата се состоела од 4 водичи и 12 клиенти, од кои најмалку 6 преживеале и останале на местото на лавината чекајќи спасување, додека останатите се водат како исчезнати.
Временските услови во Сиера Невада се опасни, а властите предупредуваат дека се очекуваат уште лавини.















