Повеќе од една година по трагедијата на највисоката планина во Австрија, утре започнува судењето против момчето на 33-годишната Керстин Г., која почина од хипотермија за време на искачување на врвот Гросглокнер во јануари минатата година.
Обвинителството го товари дека, како поискусен планинар, ја оставил исцрпена и недоволно заштитена во екстремни временски услови, додека самиот заминал да бара помош. Според обвинението, тој не реагирал навреме и не повикал спасувачки служби кога тоа било најпотребно.
Австриските медиуми го идентификуваа како Томас П., кој ја негира вината. Неговиот адвокат, Карл Јелинек, трагедијата ја опиша како „несреќен случај“. Случајот предизвика огромен интерес и дебата, не само во Австрија, туку и во планинарските кругови пошироко, бидејќи се поставува прашањето каде завршува личната проценка на ризик, а каде започнува кривичната одговорност.
За што го товари обвинителството?
Според државното обвинителство во Инсбрук, обвинетиот бил „одговорен водач на турата“, бидејќи имал значително повеќе искуство со алпски искачувања и токму тој го испланирал излетот.
Тој се товари дека ја одвел својата девојка на тура со голема должина, тежина и надморска височина, и тоа во исклучително тешки зимски услови, иако таа претходно немала учествувано во ваква алпска експедиција.
Обвинителството наведе девет пропусти, меѓу кои и тоа дека тргнале два часа предоцна, дека немале доволно опрема за итни ситуации и дека ѝ дозволил да користи несоодветна опрема, вклучително и меки сноуборд чизми наместо алпинистички обувки.
Што тврди одбраната?
Одбраната ги отфрла овие наводи. Адвокатот Јелинек истакна дека двојката заеднички ја планирала турата и дека и двајцата сметале оти се доволно искусни, соодветно подготвени и добро опремени.
Според него, и двајцата имале релевантно алпинистичко искуство и биле во одлична физичка кондиција.
Хронологија на трагичниот ден
Двојката започнала искачување на Гросглокнер, врв висок 3.798 метри. Според обвинителите, мажот требало да се врати уште додека тоа било можно, имајќи ги предвид силните ветрови до 74 километри на час и температурата од минус 8 степени Целзиусови, со чувство на студ од дури минус 20 степени.
И покрај условите, тие продолжиле. Одбраната наведува дека на 18 јануари во 13:30 часот стигнале до местото познато како „Фрухштекплац“, точка по која повлекувањето станува значително потешко. Бидејќи ниту еден од нив не покажувал знаци на исцрпеност во тој момент, одлучиле да продолжат.
Подоцнежните настани се предмет на спор. Обвинителството тврди дека околу 20:50 часот двојката заглавила и дека мажот не повикал полиција ниту испратил сигнал за помош, иако околу 22:50 часот над нив прелетал полициски хеликоптер. Одбраната пак наведува дека тогаш сè уште се чувствувале добро и дека не побарале помош бидејќи биле блиску до врвот.
Драматичен пресврт
Според адвокатот, ситуацијата ненадејно се влошила кога жената почнала да покажува силни знаци на исцрпеност, во момент кога веќе било предоцна за безбедно враќање.
Во 00:35 часот на 19 јануари мажот повикал планинска полиција. Содржината на разговорот останува нејасна. Обвинителството тврди дека по повикот го исклучил телефонот и не одговарал, додека одбраната негира дека им рекол на службите дека сè е во ред.
Според одбраната, тие стигнале на околу 40 метри под врвниот крст на Гросглокнер. Бидејќи таа веќе не можела да се движи, тој ја оставил за да побара помош, се искачил до врвот и почнал да се спушта од другата страна. Обвинителството наведува дека тоа се случило околу 2 часот по полноќ.
Смрт во снегот и можни последици
Обвинителството тврди дека не употребил алуминиумски спасувачки ќебиња ниту друга опрема за да ја заштити од студот и дека чекал до 3:30 часот пред повторно да ги извести службите. Поради силниот ветер, ноќна хеликоптерска акција не била возможна.
Керстин Г. починала сама во снегот, на замрзната планинска падина. Доколку биде прогласен за виновен, Томас П. може да се соочи со казна затвор до три години. Според австрискиот весник Der Standard, евентуална осудителна пресуда би можела да означи пресврт во начинот на кој се третира одговорноста во планинарските спортови и да отвори нови прашања за тоа колку далеку оди обврската кон сопатникот во екстремни услови.

















